Category Archives: Соопштенија

Основни права за мигрантите во Р. Македонија

За преземање: Основни права за мигрантите во РМ

Марш на солидарноста: Еден километар во чевлите на бегалците

Освен осиромашени граѓани, веќе подолго време наше секојдневие се и глетките на изнемоштени мигранти кои се обидуваат да ја поминат Македонија. Бегаат од војни, закани и во потрага по пристоен живот. За нив Македонија е само попатна станица. Но, за нивната голгота низ земјава, слушаме, читаме и гледаме со сопствени очи, како и од домашни и странски медиуми.

Од сведоштва на бегалци, родители, млади и деца, слушаме дека се цел на грабежи, а таков третман им приредуваат дури и полициските сили кои ги сведуваат овие луѓе на криминалци, додека вистинските продолжуваат да ги тероризираат, како мигрантите, така и граѓаните во државата. Откако меѓународните медиуми ја објавивја јавната тајна за криминални групи што криумчарат со мигранти и тргуваат со луѓе во липковскиот регион, полицијата наместо босовите, ги приведе мигрантите кои сега се затворени во Прифатниот центар на Гази Баба.

Затоа, во солидарност со мигрантите и граѓаните на Република Македонија кои живеат надвор од поголемите градови, во делови каде овој систем и режим ги запостави, #Протестирам ги повикува граѓаните на Марш на солидарноста, против дискриминацијата и ксенофобијата. На 15 јуни, понеделник во 18 часот ќе се собереме на аголот од Климент Охридски пред Владата и ќе се упатиме до Прифатниот центар за мигранти во Гази Баба кадешто ќе ги прочитаме правата на мигрантите.

Да изодеме од местото кадешто се исцртуваат политики што дискриминираат до местото кадешто ги гледаме последиците од неправдата кон мигрантите кои бегаат за подобар живот.

Судбината на мигрантите во прифатниот центар е симбол и за нечовечките услови и ризиците со кои се соочуваат и нашите сограѓани, затворени и присилени да мизеруваат, да се раселуваат или самите да сонуваат за мигрирање надвор од државата во потрага по безбедност и пристоен живот.

Сакаме држава којашто ќе гарантира привремена заштита за минувачите во оваа земја. Бараме еднакви услови за живот за сите во Македонија, независно на географијата и структурата на населените места, зашто ние, нејзините граѓани, не сакаме иднина во која ќе размислуваме од кого да се криеме и каде да бегаме, во потрага по подобар живот!

Прдиружи се! #Протестирам!

#Протестирам! Оди си Тодоров!

Protestiram 09.06.2015 (1)

Драги соборки и соборци,

Во вторник, на 9 јуни, се навршуваат 4 месеци од смртта на малата Тамара Димовска, која не доби можност за живот, зашто властите тоа не ѝ го дозволија, оставајќи ја да страда во лавиринтите на бирократијата и здравствената администрација. Оставките на двајцата, сега веќе поранешни директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази не се доволни. Најодговорен за смртта на Тамара е сѐ уште актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој вети дека ќе бидат платени сите трошоци за лекување и операција на Тамара, притоа излегувајќи од рамките на своите надлежности, а нам ни го одзеде правото да бидеме хумани и сами како граѓани да ги собереме потребните средства, зашто не верувавме дека некој може да биде толку суров и да излаже цел еден народ, за едно болно 9-годишно девојче, кое бара шанса за живот.

Ве повикуваме да ни се придружите на протестниот марш на 9 јуни во 18:00 од пристапот кон Владата на булевар Св. Климент Охридски до Министерството за здравство. Да им покажеме на властите дека не сме ја заборавиле Тамара, дека бараме правда за неа и дека нема да дозволиме убијци на деца да бидат на власт!

Да не ни се повтори Тамара! Никогаш повеќе! Да побараме уште погласно оставка и одговорност од Никола ТодорOFF! И да потсетиме дека каква било преодна влада со убијци на деца е неприфатлива!

Соопштение за јавност

Во петок, 5 јуни, во Скопје, ќе протестираме за правда и слобода. Протестот ќе започне во 18:00 од пристапот кон Владата на булеварот „Св. Климент Охридски“. Тргнуваме од веќе освоени, кон нови простори!

Излегуваме за да потсетиме: против злоупотребите, насилството и неправдата мора гласно и масовно! Овој режим нанесе бројни неправди, со последици различни за секој од нас. Неправдата против еден е неправда против сите нас. Да излеземе масовно во солидарност со сите жртви на режимот, дискриминирани, опресирани, обесправени и обеспоседени по различни основи низ изминатите години! Работници, студенти, ученици, родители, наставници, сите засегнати граѓани, во знак на револт против самоволието на властодршците го бранеа правото да се биде на улиците. Дел од нив, на 5 мај, во одбрана на ова право на протест против бруталноста и неотчетноста на режимот, беа физички нападнати од специјалните полициски сили. Во бруталниот налет на полицијата, настрадаа и млади кои подготвуваа испити во јавна библиотека.

Еден месец по овие настани, неопходно е да потсетиме дека за неправдата и насилството кои ги причинува режимот мора гласно и без компромис. Правдата и слободата не смее да се предмет на отстапки во преговарачкиот процес! Кризата во Македонија не е прашање на меѓупартиски конфликт, туку на сенародно незадоволство од владеењето на криминалната клика и корумпираниот политички систем! Политичка и правна одговорност мора да има, но мора да има и коренити промени! А до нив, може да стигнеме само кога до јавните функции ќе им се забрани пристап на сите за кои постои сомнеж дека злоупотребувале функција во своја корист, а против интересите на граѓаните. Оваа порака треба да одекнува на сѐ пошироки и побројни простори, дури и зад затворените врати во Стразбур, Скопје и Брисел!

Ги повикуваме сите наши сограѓанки и сограѓани да излезат на улиците! Оние кои не се во Скопје, ги охрабруваме да се самоорганизираат во своите места на живеење низ Македонија и дијаспората и на свој начин, со протест, да го изразат сопствениот револт! Да протестираме против отстапки за насилството и неправдата, со пораки за мир и правда против авторитарната култура!

 

#Протестирам #Protestoj

Продолжуваме!

Пленум #Протестирам, ул. Илинденска, Скопје, 22.05.2015 (фото: Дороти Пачкова)

Пленум #Протестирам, ул. Илинденска, Скопје, 22.05.2015 (фото: Дороти Пачкова)

Изминативе неколку дена водевме многу дискусии, вон и на улиците. Тие покажаа дека не мора да имаме едно единствено мислење, дека и преку многугласие можеме да покажеме посветеност на визијата за подобра Македонија. Фронтовите што се обединија околу #Протестирам продолжуваат со акции. Во престојниот период ќе следуваат најави за нови.

За поздрав се сите фронтови против владеачкиот режим. Отчовечените властодршци и политичките партии заборавиле чии се институциите, чии се улиците, во чие име дејствуваат. Затоа, да си ги преосвоиме, да ги вратиме на граѓаните!

Повикуваме на омасовување на отпорот против овој режим и ги охрабруваме сите граѓани да се самоорганизираат. Против едноумието. Против едноличноста. Секој на свој начин и во рамките на своите можности. Секогаш ненасилно.

#Протестирам е прво лице еднина и оваа борба извира од секој од нас. Борбата е сечија, секаде и секогаш!

Соопштение до јавноста

16.05.2015, Скопје

Со потсетување на долгогодишниот отпор на сите граѓанки и граѓани за правда и слобода, #Протестирам повикува на протестен собир на 17 мај во 13 часот пред Основниот суд Скопје 1, во Скопје и заеднички марш до Владата на Република Македонија што симболично ќе започне во пет до два.

На вечерниот собир пред Парламентот по протестите на 15 мај, граѓанките и граѓаните кои протестираат секој ден во шест од 5 мај се согласија да излезат на протестот на 17 мај. Протестот ќе започне во 13:00 пред Основен суд Скопје 1- Скопје. Заедно со Студентскиот пленум, пред Судот ќе се повика на ослободување на политичките затвореници од 5 мај наваму. Оттаму, во заеднички марш, како  потсетување на долготрајната и здружена борба на сите граѓани и граѓанки, во 13:55 ќе се упатиме кон Владата на Република Македонија. Нагласувајќи ја автентичноста на движењето, граѓанките и граѓаните од #Протестирам ќе се соберат повторно и во 18:00, на пристапот кон Владата на булеварот „Климент Охридски“, како и секој ден од 5 мај наваму.

Оваа одлука е резултат на хоризонталната поставеност на движењето и желбата да се промовира еднаквост во одлучувањето, одлучување во кое се вклучени сите и кое ќе ја задржи различноста на сите кои стојат зад барањата на #Протестирам и зад кои се обединија. За потсетување, #Протестирам е автентично самоорганизирано движење, во кое се здружени граѓанки и граѓани со три главни барања и линии на дејствување:

  1. Итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада на чело со Никола Груевски за неуставното, корумпирано и неетичко владеење
  2. Итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
  3. Формирање на Влада за демократизација на институциите и овозможување на фер и демократски избори.

Дојди и приклучи се!

#Протестирам #секојденво6

Protestiram 16-05-2015 - odbran

Соопштение за печат и покана за прес-конференција

Од: #Протестирам

Скопје, 13 мај 2015

 

Веќе нема дилеми: самоорганизираното граѓанско движење ќе го победи неправедниот и отчовечен режим! Домината почнаа да паѓаат! Премиерот Никола Груевски вчера, 12 мај, ги прифати оставките на Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, Министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и Директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Оставките се победа на граѓаните и охрабрувачки знак дека нашето делување веќе носи позитивни промени. Но, ние нема да запреме овде! Козметичка реконструкција на Владата или замена на една корумпирана елита со друга нема да помогне во надминувањето на системската криза со која се соочени Македонија и нејзините граѓани. Затоа, ние ќе бидеме на улиците сѐ до исполнувањето на нашите три основни барања:

1) Итна оставка и преземање на политичка и правна одговорност на целата Влада на чело со Никола Груевски за неуставното, корумпирано и неетичко владеење.

2) Итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;

3) Формирање на Влада за демократизација на институциите и овозможување на фер и демократски избори.

 

Како реакција на оставките, движењето #Протестирам ги повикува претставниците на медиумите на прес-конференција во 13:00 часот пред Собранието на Република Македонија.

Граѓаните, пак, ги повикуваме уште помасовно и поодлучно да се приклучат на протестите секој ден во 18:00 пред Владата на Република Македонија! Ова е само почеток! Заедно, сплотени во духот на солидарноста, правдата и мирот, стоиме на браникот на слободата и сме посилни од било кога! Продолжуваме понатаму! Придружи се!

Ќе победиме!

 

Со почит,

#Протестирам

 

Лице за контакт: Биљана Гинова, 071 730 881

Официјален извор на информации: www.protestiram.info | twitter: @protestiram | FB: Протестирам

#Протестирам мирно

protestiram-mirno-12-05

Соопштение за печат

Од: #Протестирам

Скопје, 11 мај 2015

 

ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ!

Вчера, на 10 мај 2015, во 18 часот во Градскиот Парк во Скопје се одржа мировен собир на активистите и граѓаните кои од 5 мај секојдневно бараат одговорност од отчовечената Влада предводена од Никола Груевски. Собирот имаше за цел да им оддаде почит на настраданите во Куманово, да изрази солидарност со граѓаните на Куманово, и да упати порака за смирено, трезвено делување во периодот кој следи!

Притоа, порачуваме дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш!

Токму затоа, нашите барања се:
1) итна оставка и преземање одговорност на целата Влада;
2) итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
3) формирање на Влада за демократизација на институциите.

На 11 мај 2015, на вториот ден на жалост поради настраданите во Куманово, во 18 часот, ние ќе се упатиме кон зградата на Владата на Македонија со порака за мир и правда. Ќе изразиме сочуство за загинатите и ќе ги повториме нашите барања. На улица ќе бидеме секој ден, до конечна победа.

Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!

На 5 мај 2015, стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести земаа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент. Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации и според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент граѓанскиот сектор увиде големи пропусти при што бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност.

Ние сме побројни, посплотени и посолидарни од било кога претходно. Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија кои не можат веќе да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да ни се приклучат, заедно, во надетничкото, натпартиското, автентичното граѓанско движење за правда и мир!

Ќе победиме!
Со почит,
#Протестирам

 

Лице за контакт: Биљана Гинова, 071 730 881.

официјален извор на информации: www.protestiram.info