Category Archives: Вести

„Помогнете ни, луѓе од Македонија!“

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

Дел од повикот на еден мигрант затворен во Прифатниот центар во Гази Баба, Скопје, кој им се обрати со благодарност на граѓаните од Македонија кои на 15 јуни организираа марш за солидарност со мигрантите кои поминуваат низ државата.

„Ги оставаме нашите фамилии во оган! Потребна ни е слобода за да ги донесеме нашите фамилии. Ние не сме криминалци. Ние сме едуцирани луѓе, доктори… Граѓани, како што сте и вие! Немаме проблем со луѓето од Македонија. Ние сме овде само да ја поминеме земјава. Полицијата ни вели „Поминувате нелегално!“ Поминавме низ Турција, Грција, Бугарија, и сите ни даваа време да заминеме. Но овде го губиме времето, додека законите да се променат и никој не нѐ поддржува. Полицијата ни вели дека е до судот; судот не интервенира. А ги оставаме нашите семејства во огнот, во војна… Одиме во Европа за да можеме да им помогнеме на оние кои останаа во Сирија, Авганистан, Ирак, Пакистан. Овде престојуваме во многу лоши услови и потребна ни е вашата поддршка, потребна ни е поддршка од вашата влада, од вашиот парламент! А ја чекаме таа поддршка толку долго… Никој не го слуша нашиот глас, овде умираме! Во многу лоша состојба сме и вие сте единствени кои можат да ни помогнат одовде понатаму. Мафијата нѐ напаѓа, луѓе кои сакаат да ни ги земат парите, и тие потоа бегаат и ја поминуваат границата, а ние сме овде заради што?! Тие не нѐ поддржуваат, ги поддржуваат оние кои им плаќаат, а ние немаме толку многу пари за да платиме на мафијата… Вие сте единствените кои нѐ поддржуваат, ни треба вашата помош! Извадете нѐ одовде, умираме!

Помогнете ни, луѓе од Македонија!“

 

Повеќе слики од маршот се достапни овде.

 

Театар на апсурдот

„Кој ја поседува уметноста, нека каже веднаш или нека молчи засекогаш…“

Движењето #Протестирам како автономно движење за индивидуален и колективен израз на незадоволството на граѓаните, цени дека треба да се овозможи простор за појаснување на акцијата „Барокот од блиску доаѓа“ како своевиден уметнички израз на револтот од социо-политичките прилики во општеството. Дел од граѓаните кои земаа учество во различни етапи од акцијата сметаат дека на јавноста ѝ се потребни повеќе информации за правилно да го даде својот суд и критика.

Имено, акцијата „Барокот од блиску доаѓа“ содржеше фотосесија на неколку локации низ Скопје, снимање на краток музички перформанс за социо-политичката криза во Македонија и проектот „Скопје 2014“ (изведен во Градскиот трговски центар за „Еуроњуз“) и завршница која зазеде форма на протест изведен во театар. Оттука, беспредметно е да се изнесе мислење и официјален став од страна на надлежните во „Театар Комедија“ без притоа да ја посочат сопствената улога во изведбата на протестот. Сепак, епилогот немаше да ја разбранува јавноста доколку раководството донесеше поумешна одлука за справување со коментарите изнесени на социјалните мрежи и официјалната фан-страница на театарот, па дури и да избегне да ја поведе дискусијата воопшто.

Појдовната точка за реализација на протест надвор од уметничките граници поставени на транспарентите, ѕидовите, пишаниот или јавно искажаниот збор претставуваше предизвик да се обмисли и реализира. Акцијата имаше за цел да им пријде на општествените проблеми со кои се соочуваат граѓаните преку ангажирана уметност, културен револт и политичко негодување. Оттука, одлуката на дел од граѓаните од движењето да го изразат незадоволството со т.н. театар на апсурдот се чинеше како соодветно решение. Сепак, апсурдноста во културата и уметноста во државата континуирано расте, но никако не успева да се преслика на улица или сцена во театарот. Уште поголем апсурд е верувањето дека нашите професии се дотолку што поважни од социо-политичките состојби. Несомнено за нас партизацијата на општеството и сиромаштијата се приоритет и изразот на револт против овие појави е подеднакво важен.

Во услови кога социо-политичките проблеми се приоритет на луѓето, обидот да се делегитимира формата на протест против континуираното културно и духовно осиромашување на граѓаните е апсурд сам по себе. Сепак, идејата за формата на протестот не смее да биде водена од „за“ или „против“ уметничкиот израз на револтот, туку „за“ или „против“ политики кои го уништуваат културното ткиво на општеството. За таа цел следи хронологија на случувањата при спроведување на целодневниот театар на апсурдот:

1) Фотосесија низ Скопје инспирирана од поимањето на барокот и класицизмот како правци во уметноста од страна на Премиерот и поранешниот Министер за транспорт и врски проследени во јавноста како дел од пакетот аудио-разговори проследена со утринско кафе во локален кафе-бар, омилено место на дел од „Одбраната на Република Македонија“. Галеријата е достапна овде.

2) Ефекти од политиките на извршната власт и проектот „Скопје 2014“: Снимање на краток видео-запис за проектот „Скопје 2014“, сиромаштијата, протестите и политичката криза во Македонија во Градски трговски центар. Објавената видео вест е достапна овде (6-та минута).

3) Протест на кабарето „Лисистрата“ во Театар Комедија: Изборот за изведба на протестот не е случаен. Имено, она што го прави кабарето посебно се неколку клучни карактеристики кои го одвојуваат од класичниот театарски израз. Кабарето најчесто е политички ангажирано, неговата естетика главно се темели врз цинизам, сарказам и иронија. Практика е претставата да ја води церемонијал мајстор, кој често комуницира со публиката. Важно е да се спомене дека во оваа форма секогаш се инсистира на губење на “четвртиот ѕид” на сцената и директно инволвирање на публиката во дејствието. Оттука, кабарето „Лисистрата” од Аристофан во продукција на Театар Комедија е логичен избор за крај на социо-политичкиот перформанс на #Протестирам. Па и во самото читање на текстот на Аристофан се зборува за тоа како жените да ја спасат државата преку алтернативни методи. „Дамите во барок”, како што нѐ нарекуваат, чинеа дека нема посоодветно место за овој вид методи за спасување на државата. Преку зададената кабаре форма во постановката на “Лисистрата” почуствувавме дека концептот на претставата ни дава слобода и ние интерактивно (како што се бара од кабаре публиката) да учествуваме во процесот „жените ќе ја спасат државата”.

За појаснување на дејствието потребно е да се знае дека во определен момент во претставата церемонијал-мајсторката ја повикува публиката да направи фотографија со Лисистрата, со што учесниците во протестот ја прифатија понудата и станаа активни учесници во претставата. Публиката од #Протестирам ги искористи оние десетина секунди простор во кои истите беа повикани на активност и будност, а истовремено добија реакција на изненадување од страна на церемонијал мајсторката која изјави дека за првпат публиката е успешно ангажирана во претставата. Задоволството го изрази со прекинување на дејствието и фотографирање на публиката со приватен телефон, фотографија која веднаш ја сподели со јавноста преку официјалната страница на Театар Комедија на социјалната мрежа Фејсбук. Активистите беа присутни во салата кога беше развиена дискусија со публиката на социјалните мрежи. Оттука, одговорноста за негативната пропаганда настаната од интеракцијата со јавноста не може да биде предмет на осуда на акцијата „Барокот одблиску доаѓа“. По овие настани, граѓаните кои доброволно купија билети одлучија да ја напуштат претставата што претставува чин на слободен избор за напуштање на објектот, особено поради изнесените обвинувања дека не одговориле соодветно на барањето на церемонијал-мајсторката. Дополнително, претставата беше одиграна во целост со што не се ускрати правото на останатата публика.

На крај, потсетуваме дека правото на слободно изразување и протест се комплементарни права загарантирани со Уставот на Република Македонија кој не ја предвидува ниту ограничува формата на протестот и начинот на изразување, особено ако на достоинствен начин се изрази незадоволство кон политиките на извршната власт. Акцијата не ја индивидуализира пораката која ја носи; таа е протест против партизацијата и осиромашувањето на културниот и уметниот дух на граѓаните. Оттука, почитувани актери, велиме во право сте! Протестот беше и за вас, но не се однесуваше на вашата општествена улога како актери, туку како кон луѓе кои го разбираат апсурдот во којшто живееме.

 

Дополнителни материјали:

Став на професор Љубиша Георгиевски во документарец за Драмски театар. Истиот тој апсурд кој ни носи нереални очекувања дека театарот може да функционира непречено во услови на социјален и политички немир. Напротив, не функционира затоа што не може да биде предмет на интерес или приоритет кај луѓето чија реалност значи инстиктивно преживување на трошоците секој месец. Ете, апсурден е и податокот дека купените билети за акцијата придонесоа за делумно пополнување на салата. Но, изборот за тоа како секој од нас ќе се справува со апсурдот на општественото живеење не може да биде ограничен.

– Употреба на слични методи на протестирање во развиени демократии: Изведба на протест против расизам и полициска бруталност во театар, St. Louis Symphony

– Како изгледа дискусијата помеѓу надлежните во „Театар Комедија“ и граѓаните кои ја изведоа акцијата – https://www.youtube.com/watch?v=CeKWVuye1YE.

Не сме заборавиле! Оди си ТодорOFF!

фото: Ванчо Џамбаски

фото: Ванчо Џамбаски

На 9 јуни, 121 ден, односно четири месеци од смртта на малата Тамара Димовска, неколку стотици граѓанки и граѓани се собраа на протест на кој уште еднаш се побара оставка и одговорност од Министерот за здравство, Никола Тодоров.

Во говорот на зборното место на булеварот Св. Климент Охридски се истакна дека ниту оваа, ниту каква било идна, вклучително преодна влада, не е прифатлива со Никола Тодоров како нејзин член.

фото: Ванчо Џамбаски

фото: Ванчо Џамбаски

Демонстрантите маршираа до Министерството за здравство. Таму, мајката на Тамара уште еднаш побара правда за смртта на својата ќерка. Таа замоли случајот да не се партизира и изрази надеж дека тој ќе има позитивно влијание во справувањето со слични случаи во иднина. Потоа, како и на претходните протести, беше оставен простор граѓаните јавно да споделат свои мислења со присутните.

фото: Ванчо Џамбаски

фото: Ванчо Џамбаски

Политичките андроиди од градот Стирополис

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

Другари и другарки,

Помина еден месец од климаксот на граѓанската огорченост. Помина еден месец од кулминацијата на полициската жестокост. Но битно е да се подвлече дека не беа тоа безлични стихии што се судрија на 5 мај. Пред еден месец учествувавме во најинтимната средба насамосвесните граѓани и политичките андроиди. Интимниот простор и интегритетот на личноста се одамна пенетрирани од владиниот политички и полициски арсенал во оваа земја. Но на 5 мај андроидите се приближија кон идеалот на интимноста на нивниот програмер: преку насилство, тие ги помирисаа потта и крвта на нашите тела под окната на нивниот замок.

Се сеќавате како, откако со модри тела и души се обидовме да го нагрдиме тој замок, почнаа да нѐ гонат по улиците на овој Стирополис. На голите раце и торбите со книги се спротиставија со штитови, палки и водени топови. Упаднаа дури и во последното наше засолниште, во домот на книгата, за да видат од каде ја црпеме смелоста да протестираме. Но наместо книги, листаа други ткива: телесните и емотивните ткива на студентите. Преседанот беше сигнал за нова реформа на хоризонтот: консумацијата на знаење – тој токсин за поданичката свест – се прогласува сомнителен, речиси криминален чин. Особено во ноќните часови, кога ензимите на знаењето имаат нагласено корозивен ефект врз тираниската дисциплина. Од библиотеките беа изнесени студенти, беа тепани, а подоцна притворени и неправедно осудени.

Еден месец подоцна се собираме за да се спротивставиме на криминализацијата на автентичниот студентски и граѓански револт. Наместо на карневал, се собираме на протест, за да кажеме дека не ни е до танц, песна и забава. Ние не сме бедуини, знаеме каде ни е домот. И знаејќи дека се готват и од дома да нѐ избркаат, излегуваме пред него за да го одбраниме. Денес сме овде, за да им кажеме на самопрогласените богови дека Стирополис сепак не е Едем и дека библиотеките не се дрвја со забранети плодови, чиешто вкусување се казнува со протерување од рајските градини. Ако некој се плаши од слободната мисла, од свеста што се развива преку читање, тогаш нека не се приближува кон домот на книгата. Јавниот, а особено академскиот простор не трпи униформи и оружје. Таму никој нема право да го малтретира и тиранизира другиот. На 5 мај тоа експлицитно се случи, кога полициските служби упаднаа во градската библиотека “Браќа Миладиновци”. Токму затоа, денешниот протест го завршуваме со посета на тој заеднички дом, којшто е една од последните оази на слободната мисла и ги потсетуваме андроидите дека истиот нема да го запоседнат пред да го помодрат и последното око жедно за знаење. За крај, ајде да ги потсетиме и сите оние што презриво нѐ гледаат и нѐ прогласуваат за сепаратисти дека граѓанинот сам по себе е политички субјект и има право да го одбере начинот на којшто ќе протестира. Да им кажеме дека нашите вистински домови беа и ќе останат училиштата, универзитетите и библиотеките.

Добредојдовте дома!

 

– Андреј Јованчевски, говор на 5 јуни, по повод еден месец од бруталниот напад на македонската полиција врз студентите од Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

#Протестирам! Оди си Тодоров!

Protestiram 09.06.2015 (1)

Драги соборки и соборци,

Во вторник, на 9 јуни, се навршуваат 4 месеци од смртта на малата Тамара Димовска, која не доби можност за живот, зашто властите тоа не ѝ го дозволија, оставајќи ја да страда во лавиринтите на бирократијата и здравствената администрација. Оставките на двајцата, сега веќе поранешни директори на ФЗОМ, Маја Парнарџиева Змејкова и Џемали Мехази не се доволни. Најодговорен за смртта на Тамара е сѐ уште актуелниот министер за здравство, Никола Тодоров, кој вети дека ќе бидат платени сите трошоци за лекување и операција на Тамара, притоа излегувајќи од рамките на своите надлежности, а нам ни го одзеде правото да бидеме хумани и сами како граѓани да ги собереме потребните средства, зашто не верувавме дека некој може да биде толку суров и да излаже цел еден народ, за едно болно 9-годишно девојче, кое бара шанса за живот.

Ве повикуваме да ни се придружите на протестниот марш на 9 јуни во 18:00 од пристапот кон Владата на булевар Св. Климент Охридски до Министерството за здравство. Да им покажеме на властите дека не сме ја заборавиле Тамара, дека бараме правда за неа и дека нема да дозволиме убијци на деца да бидат на власт!

Да не ни се повтори Тамара! Никогаш повеќе! Да побараме уште погласно оставка и одговорност од Никола ТодорOFF! И да потсетиме дека каква било преодна влада со убијци на деца е неприфатлива!

Се враќаме на улиците! Од 5 мај до крај!

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

Во петок, 5 јуни, во Скопје, по краток прекин на протестите, демонстрантите повторно се вратија на улица. Точно еден месец по протестот на 5 мај, кога полицијата употреби брутална сила во разбивањето на демонстрантите, тие протестираа за правда и слобода.

Тргнувајќи од веќе освоени, кон нови простори, протестот започна во 18:00 од пристапот кон Владата на булеварот „Св. Климент Охридски“. Оттаму неколку стотици демонстранти се упатија кон Министерството за правда каде повикаа на одговорност и правда за случувањата од 5 мај.

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

Скандрирајќи „Нема правда, нема мир!“ и „Од 5 мај, до крај!“, демонстрантите симболично го завршија протестот пред Библиотеката „Браќа Миладиновци“, каде на 5 мај полициските сили извршија насилен упад, малтретирајќи и потоа приведувајќи студенти. Таму тие, меѓу другото, порачаа: „нашите вистински домови беа и ќе останат училиштата, универзитетите и библиотеките. Добредојдовте дома!“

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

 

Од 5 мај до крај! Prej 5 Maj deri në fund! From May 5th until the end!

Правда за Мартин!

„Семејството на Мартин Нешкоски, односно неговата мајка и неговиот чичко денеска во Јавното обвинителство поднесоа кривична пријава против екс-министерката Гордана Јанкулоска, против Дејан Митревски – Урко, против премиерот Никола Груевски и поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков.

Како што се вели во пријавата која ја поднесе семејството, против Урко пријавата е за давање на усна наредба спротивно на членот 154 од Законот за внатрешни наредби, кога го распоредил полицаецот Игор Спасов за обезбедување на простор за прослава на ВМРО ДПМНЕ зa победата на парламентарните избори, кој го уби Мартин Нешкоски на 06.06.2011 година. Против Јанкулоска, во пријавата е наведено дека таа не изготвила писмена наредба согласно членот 154, а заедно со Груевски и Мијалков свесно и намерно ја прикривале истрагата со цел да спречат штета во МВР и врз себе.

Чичкото на Нешкоски го најави утрешниот протест под паролата „Убиство кое не смее да остане во тајност“, на кој ќе се одблежат четири години по смртта на младиот Мартин. Протестот ќе биде во 18 часот пред влада од страната на улицата „Климент Охридски“,“ јавува НоваТВ.

#Протестирам го поддржува протестот и повикува на масовен граѓански одзив.

Не ги пуштајте да избегаат од државата!

FullSizeRender (3)

Одговорноста за пречекорувањата на службената должност на поранешниот Министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата на безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, не завршува со нивните оставки. Тие треба да бидат и целосно тргнати од политичката сцена, да сносат правна одговорност пред независно и непартиско судско тело. Во согласност со заклучоците од судскиот процес, ако се утврди кривична одговорност, треба и да го вратат украденото.

FullSizeRender (1)FullSizeRender (2)

На 2 јуни 2015 години, група активисти на #Протестирам симболично го блокираа делот за полетувања на аеродромот „Александар Велики“. Со „потерници“ во раце, тие сакаа да потсетат дека во вакуумот креиран од политичките преговори, Јанакиески и Мијалков се слободни да ја напуштат земјата и јурисдикцијата на Репубика Македонија.

 

Продолжуваме: Пломба за институциите

Пломбирано од #Протестирам

Пломбирано од #Протестирам

Институциите им припаѓаат на граѓаните! Институциите не смее да се користат за лични интереси на мала група властодршци! Заради занемарување на интересите на граѓаните и недостаток на легитимитет, дел од јавните институции беа пломбирани од #Протестирам.

На 1 јуни 2015 година, понеделник, ги пломбиравме:

  • Министерство за култура заради Скопје 2014,

    Министерство за култура #Пломбирам

    Министерство за култура #Пломбирам

  • Министерство за финансии заради трошење народни пари за чоколадо, кога немаме за леб,
  • Министерство за образование заради систематско уништување на јавното образование,

    Министерство за финансии и Министерство за образование #Пломбирам

    Министерство за финансии и Министерство за образование #Пломбирам

  • Министерство за труд и социјална политика заради соучество во кршење на работничките права во Македонија и зголемувањето на сиромаштијата,

    Министерство за труд и социјална политика #Пломбирам

    Министерство за труд и социјална политика #Пломбирам

  • Министерство за правда заради поткопување на правната држава,
  • Министерство за економија заради никаквиот економски развој,

    Министерство за правда и Министерство за економија #Пломбирам

    Министерство за правда и Министерство за економија #Пломбирам

  • Канцеларијата на Претседателот на Република Македонија заради сведување на позицијата на партиска марионета.

    Канцеларија на Претседателот на Република Македонија

    Канцеларија на Претседателот на Република Македонија

Продолжуваме!