Акцијата на МВР заврши, за денес закажан мирен граѓански собир

Акцијата на МВР во Куманово конечно заврши. Во престрелките кои се случуваа денес, 10 мај, наутро загинаа уште двајца припадници на специјалните сили во престрелките утрово, со што бројот на загинати полицајци се искачи на осум. Биле убиени 14 членови на оружената група, а цивилни жртви нема, јави МВР. Според изјавата на портпаролот на МВР, се работи за една од најопасните терористички групи на Балканот.

Информациите до кои јавноста има пристап од почетокот на дејствијата се ограничени и многу прашања остануваат неодговорени, како за моменталната состојба, така и за операцијата на МВР.

По речиси 36 часа целосен молк од политичкиот врв во државата, со прес конференција излезе и Премиерот Груевски. Тој изјави дека не станува збор за конфликт помеѓу Македонци и Албанци, нагласувајќи го мултиетничкиот карактер на припадниците на специјалните сили. Груевски ја истакна сложеноста на операцијата, велејќи дека групата планирала масовни убиства во Македонија и дестабилизација на земјата, иако рече и дека нивните цели и мотиви ќе бидат предмет на понатамошна истрага. Повикувајќи случувањата да не се користат за дневнополитички цели, тој не ја испушти приликата и да ги предупреди неистомислениците дека ќе завршат исто како терористите.

Пораките, пак, упатени од повеќето релевантни албански актери во Македонија и регионот се меѓусебно слични: се повикува на смиреност и ненаседнување на провокации.

Седница на Советот за безбедност е закажана за 17:00.

Во меѓувреме, заради безбедносната ситуација, Скопскиот маратон кој требаше да се случи денес беше откажан. Но и покрај тоа, пријавените учесници се самоорганизираа и трчаа со порака дека во Македонија има љубов, по што изразија сочувство за загинатите во Куманово со минута молк.
Со оглед на тековните случувања и дводневната жалост, наместо протест, за денес е најавен солидарен и мировен граѓански собир во 18:00 во Градски парк во Скопје. Собирот има за цел да покаже солидарност со семејствата на загинатите и повредените, како и со жителите на Куманово, но и одлучност во борбата за мир и правда за сите граѓани, вклучително приведените демонстранти. Покрај тоа, собирот ќе биде искористен и за дискусија за идните насоки на ова граѓанско самоорганизирање.

Day 6

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *