Медиумски мрак: Претседател на Советот на општина Куманово грубо прекинат во изјава за Канал 5

Максим Димитриевски, претседател на Советот на општина Куманово, во изјава за Канал 5 запраша како е можно седум дена по конгресот на владејачката партија ситуацијата толку да се дестабилизира. Во моментот кога пред камерата повика на оставка на Премиерот и на Министерката за внатрешни работи, директниот пренос беше грубо прекинат.

„Факт е дека во Куманово ние имавме во последните 24 часа војна. Морам да Ви кажам дека граѓаните на општина Куманово се апсолутно свесни што всушност ни се случува. Едноставно никој не може во градот да сфати како пред 7 дена, кога владејачката гарнитура држеше конгрес во Куманово, сè беше апсолутно мирно, а денеска дури нè информираат на прес-конференција дека во Куманово се случил оружен конфликт. Ние тоа го почувствувавме директно на нашите глави и одовде јавно го прашувам и Премиерот зошто не дојде во Куманово да ја одржи прес-конференцијата и да им објасни на Кумановчани кој им остави траен белег во историјата […] Едноставно им порачувам и на него и на ужалената министерка Јанкулоска во моментов веднаш да поднесат оставка и да пуштат луѓе коишто се способни да ја водат државата и да преземат одговорност“, изјавуваше Димитриевски во моментот кога преносот во живо беше прекинат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *