Соопштение за печат

Од: #Протестирам

Скопје, 11 мај 2015

 

ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ!

Вчера, на 10 мај 2015, во 18 часот во Градскиот Парк во Скопје се одржа мировен собир на активистите и граѓаните кои од 5 мај секојдневно бараат одговорност од отчовечената Влада предводена од Никола Груевски. Собирот имаше за цел да им оддаде почит на настраданите во Куманово, да изрази солидарност со граѓаните на Куманово, и да упати порака за смирено, трезвено делување во периодот кој следи!

Притоа, порачуваме дека најискрениот бран на самоорганизирано граѓанско незадоволство нема да запре! Ние веќе не чувствуваме страв, туку само гадење од авторитарната власт и нивните мрачни сценарија! Ние бараме мир и правда, а тоа може да се случи само ако тие си заминат! Веднаш!

Токму затоа, нашите барања се:
1) итна оставка и преземање одговорност на целата Влада;
2) итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
3) формирање на Влада за демократизација на институциите.

На 11 мај 2015, на вториот ден на жалост поради настраданите во Куманово, во 18 часот, ние ќе се упатиме кон зградата на Владата на Македонија со порака за мир и правда. Ќе изразиме сочуство за загинатите и ќе ги повториме нашите барања. На улица ќе бидеме секој ден, до конечна победа.

Нашиот гнев и револт тлее и се таложи со години наназад. Ние сме на браникот против секоја неправда – без оглед дали тоа е системската бруталност, лошите реформи во високото и средното образование, или државниот рекет врз хонорарците. Протестиравме и за слободата на печатот, во поддршка на медиумските работници, и побаравме ослободување на јавниот сервис и негово враќање на граѓаните. Баравме одговорност за уништениот систем на јавно здравство. Континуирано се бориме за достоинствен живот и работнички права и протестираме против грабежот, сиромаштијата и понижувањето на народот!

На 5 мај 2015, стана јасно: тие нема да си дадат оставки, обвинителството нема да ги гони, а јавниот сервис секогаш се става на нивна страна. Пред три дена, кога граѓанските протести земаа замав и се проширија низ повеќе градови во државата, во Куманово се случи вооружен инцидент. Граѓаните што ги следат настаните, меѓу нив и жители на Куманово зборуваат за контрадикторности, недоследности и манипулации и според кои постои голем сомнеж за природата на настаните во Куманово. Во официјалната верзија за вооружениот инцидент граѓанскиот сектор увиде големи пропусти при што бараме да се одговори на мноштвото прашања кои ги бараат сите гласови во општеството поради загубата на животи и загрозување на општата безбедност.

Ние сме побројни, посплотени и посолидарни од било кога претходно. Ги повикуваме сите граѓани на Република Македонија кои не можат веќе да ја трпат неправдата, бедата и мрачните манипулации на власта, да ни се приклучат, заедно, во надетничкото, натпартиското, автентичното граѓанско движење за правда и мир!

Ќе победиме!
Со почит,
#Протестирам

 

Лице за контакт: Биљана Гинова, 071 730 881.

официјален извор на информации: www.protestiram.info

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *