Театар на апсурдот

„Кој ја поседува уметноста, нека каже веднаш или нека молчи засекогаш…“

Движењето #Протестирам како автономно движење за индивидуален и колективен израз на незадоволството на граѓаните, цени дека треба да се овозможи простор за појаснување на акцијата „Барокот од блиску доаѓа“ како своевиден уметнички израз на револтот од социо-политичките прилики во општеството. Дел од граѓаните кои земаа учество во различни етапи од акцијата сметаат дека на јавноста ѝ се потребни повеќе информации за правилно да го даде својот суд и критика.

Имено, акцијата „Барокот од блиску доаѓа“ содржеше фотосесија на неколку локации низ Скопје, снимање на краток музички перформанс за социо-политичката криза во Македонија и проектот „Скопје 2014“ (изведен во Градскиот трговски центар за „Еуроњуз“) и завршница која зазеде форма на протест изведен во театар. Оттука, беспредметно е да се изнесе мислење и официјален став од страна на надлежните во „Театар Комедија“ без притоа да ја посочат сопствената улога во изведбата на протестот. Сепак, епилогот немаше да ја разбранува јавноста доколку раководството донесеше поумешна одлука за справување со коментарите изнесени на социјалните мрежи и официјалната фан-страница на театарот, па дури и да избегне да ја поведе дискусијата воопшто.

Појдовната точка за реализација на протест надвор од уметничките граници поставени на транспарентите, ѕидовите, пишаниот или јавно искажаниот збор претставуваше предизвик да се обмисли и реализира. Акцијата имаше за цел да им пријде на општествените проблеми со кои се соочуваат граѓаните преку ангажирана уметност, културен револт и политичко негодување. Оттука, одлуката на дел од граѓаните од движењето да го изразат незадоволството со т.н. театар на апсурдот се чинеше како соодветно решение. Сепак, апсурдноста во културата и уметноста во државата континуирано расте, но никако не успева да се преслика на улица или сцена во театарот. Уште поголем апсурд е верувањето дека нашите професии се дотолку што поважни од социо-политичките состојби. Несомнено за нас партизацијата на општеството и сиромаштијата се приоритет и изразот на револт против овие појави е подеднакво важен.

Во услови кога социо-политичките проблеми се приоритет на луѓето, обидот да се делегитимира формата на протест против континуираното културно и духовно осиромашување на граѓаните е апсурд сам по себе. Сепак, идејата за формата на протестот не смее да биде водена од „за“ или „против“ уметничкиот израз на револтот, туку „за“ или „против“ политики кои го уништуваат културното ткиво на општеството. За таа цел следи хронологија на случувањата при спроведување на целодневниот театар на апсурдот:

1) Фотосесија низ Скопје инспирирана од поимањето на барокот и класицизмот како правци во уметноста од страна на Премиерот и поранешниот Министер за транспорт и врски проследени во јавноста како дел од пакетот аудио-разговори проследена со утринско кафе во локален кафе-бар, омилено место на дел од „Одбраната на Република Македонија“. Галеријата е достапна овде.

2) Ефекти од политиките на извршната власт и проектот „Скопје 2014“: Снимање на краток видео-запис за проектот „Скопје 2014“, сиромаштијата, протестите и политичката криза во Македонија во Градски трговски центар. Објавената видео вест е достапна овде (6-та минута).

3) Протест на кабарето „Лисистрата“ во Театар Комедија: Изборот за изведба на протестот не е случаен. Имено, она што го прави кабарето посебно се неколку клучни карактеристики кои го одвојуваат од класичниот театарски израз. Кабарето најчесто е политички ангажирано, неговата естетика главно се темели врз цинизам, сарказам и иронија. Практика е претставата да ја води церемонијал мајстор, кој често комуницира со публиката. Важно е да се спомене дека во оваа форма секогаш се инсистира на губење на “четвртиот ѕид” на сцената и директно инволвирање на публиката во дејствието. Оттука, кабарето „Лисистрата” од Аристофан во продукција на Театар Комедија е логичен избор за крај на социо-политичкиот перформанс на #Протестирам. Па и во самото читање на текстот на Аристофан се зборува за тоа како жените да ја спасат државата преку алтернативни методи. „Дамите во барок”, како што нѐ нарекуваат, чинеа дека нема посоодветно место за овој вид методи за спасување на државата. Преку зададената кабаре форма во постановката на “Лисистрата” почуствувавме дека концептот на претставата ни дава слобода и ние интерактивно (како што се бара од кабаре публиката) да учествуваме во процесот „жените ќе ја спасат државата”.

За појаснување на дејствието потребно е да се знае дека во определен момент во претставата церемонијал-мајсторката ја повикува публиката да направи фотографија со Лисистрата, со што учесниците во протестот ја прифатија понудата и станаа активни учесници во претставата. Публиката од #Протестирам ги искористи оние десетина секунди простор во кои истите беа повикани на активност и будност, а истовремено добија реакција на изненадување од страна на церемонијал мајсторката која изјави дека за првпат публиката е успешно ангажирана во претставата. Задоволството го изрази со прекинување на дејствието и фотографирање на публиката со приватен телефон, фотографија која веднаш ја сподели со јавноста преку официјалната страница на Театар Комедија на социјалната мрежа Фејсбук. Активистите беа присутни во салата кога беше развиена дискусија со публиката на социјалните мрежи. Оттука, одговорноста за негативната пропаганда настаната од интеракцијата со јавноста не може да биде предмет на осуда на акцијата „Барокот одблиску доаѓа“. По овие настани, граѓаните кои доброволно купија билети одлучија да ја напуштат претставата што претставува чин на слободен избор за напуштање на објектот, особено поради изнесените обвинувања дека не одговориле соодветно на барањето на церемонијал-мајсторката. Дополнително, претставата беше одиграна во целост со што не се ускрати правото на останатата публика.

На крај, потсетуваме дека правото на слободно изразување и протест се комплементарни права загарантирани со Уставот на Република Македонија кој не ја предвидува ниту ограничува формата на протестот и начинот на изразување, особено ако на достоинствен начин се изрази незадоволство кон политиките на извршната власт. Акцијата не ја индивидуализира пораката која ја носи; таа е протест против партизацијата и осиромашувањето на културниот и уметниот дух на граѓаните. Оттука, почитувани актери, велиме во право сте! Протестот беше и за вас, но не се однесуваше на вашата општествена улога како актери, туку како кон луѓе кои го разбираат апсурдот во којшто живееме.

 

Дополнителни материјали:

Став на професор Љубиша Георгиевски во документарец за Драмски театар. Истиот тој апсурд кој ни носи нереални очекувања дека театарот може да функционира непречено во услови на социјален и политички немир. Напротив, не функционира затоа што не може да биде предмет на интерес или приоритет кај луѓето чија реалност значи инстиктивно преживување на трошоците секој месец. Ете, апсурден е и податокот дека купените билети за акцијата придонесоа за делумно пополнување на салата. Но, изборот за тоа како секој од нас ќе се справува со апсурдот на општественото живеење не може да биде ограничен.

– Употреба на слични методи на протестирање во развиени демократии: Изведба на протест против расизам и полициска бруталност во театар, St. Louis Symphony

– Како изгледа дискусијата помеѓу надлежните во „Театар Комедија“ и граѓаните кои ја изведоа акцијата – https://www.youtube.com/watch?v=CeKWVuye1YE.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *