Политичките андроиди од градот Стирополис

фото: Небојша Гелевски

фото: Небојша Гелевски

Другари и другарки,

Помина еден месец од климаксот на граѓанската огорченост. Помина еден месец од кулминацијата на полициската жестокост. Но битно е да се подвлече дека не беа тоа безлични стихии што се судрија на 5 мај. Пред еден месец учествувавме во најинтимната средба насамосвесните граѓани и политичките андроиди. Интимниот простор и интегритетот на личноста се одамна пенетрирани од владиниот политички и полициски арсенал во оваа земја. Но на 5 мај андроидите се приближија кон идеалот на интимноста на нивниот програмер: преку насилство, тие ги помирисаа потта и крвта на нашите тела под окната на нивниот замок.

Се сеќавате како, откако со модри тела и души се обидовме да го нагрдиме тој замок, почнаа да нѐ гонат по улиците на овој Стирополис. На голите раце и торбите со книги се спротиставија со штитови, палки и водени топови. Упаднаа дури и во последното наше засолниште, во домот на книгата, за да видат од каде ја црпеме смелоста да протестираме. Но наместо книги, листаа други ткива: телесните и емотивните ткива на студентите. Преседанот беше сигнал за нова реформа на хоризонтот: консумацијата на знаење – тој токсин за поданичката свест – се прогласува сомнителен, речиси криминален чин. Особено во ноќните часови, кога ензимите на знаењето имаат нагласено корозивен ефект врз тираниската дисциплина. Од библиотеките беа изнесени студенти, беа тепани, а подоцна притворени и неправедно осудени.

Еден месец подоцна се собираме за да се спротивставиме на криминализацијата на автентичниот студентски и граѓански револт. Наместо на карневал, се собираме на протест, за да кажеме дека не ни е до танц, песна и забава. Ние не сме бедуини, знаеме каде ни е домот. И знаејќи дека се готват и од дома да нѐ избркаат, излегуваме пред него за да го одбраниме. Денес сме овде, за да им кажеме на самопрогласените богови дека Стирополис сепак не е Едем и дека библиотеките не се дрвја со забранети плодови, чиешто вкусување се казнува со протерување од рајските градини. Ако некој се плаши од слободната мисла, од свеста што се развива преку читање, тогаш нека не се приближува кон домот на книгата. Јавниот, а особено академскиот простор не трпи униформи и оружје. Таму никој нема право да го малтретира и тиранизира другиот. На 5 мај тоа експлицитно се случи, кога полициските служби упаднаа во градската библиотека “Браќа Миладиновци”. Токму затоа, денешниот протест го завршуваме со посета на тој заеднички дом, којшто е една од последните оази на слободната мисла и ги потсетуваме андроидите дека истиот нема да го запоседнат пред да го помодрат и последното око жедно за знаење. За крај, ајде да ги потсетиме и сите оние што презриво нѐ гледаат и нѐ прогласуваат за сепаратисти дека граѓанинот сам по себе е политички субјект и има право да го одбере начинот на којшто ќе протестира. Да им кажеме дека нашите вистински домови беа и ќе останат училиштата, универзитетите и библиотеките.

Добредојдовте дома!

 

– Андреј Јованчевски, говор на 5 јуни, по повод еден месец од бруталниот напад на македонската полиција врз студентите од Библиотеката „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *