На 9 јуни, 121 ден, односно четири месеци од смртта на малата Тамара Димовска, неколку стотици граѓанки и граѓани се собраа на протест на кој уште еднаш се побара оставка и одговорност од Министерот за здравство, Никола Тодоров.
Во говорот на зборното место на булеварот Св. Климент Охридски се истакна дека ниту оваа, ниту каква било идна, вклучително преодна влада, не е прифатлива со Никола Тодоров како нејзин член.
Демонстрантите маршираа до Министерството за здравство. Таму, мајката на Тамара уште еднаш побара правда за смртта на својата ќерка. Таа замоли случајот да не се партизира и изрази надеж дека тој ќе има позитивно влијание во справувањето со слични случаи во иднина. Потоа, како и на претходните протести, беше оставен простор граѓаните јавно да споделат свои мислења со присутните.