Дојдете со нас! Сите сме лидери, сечиј глас е битен!

Утрово (21 април 2016) ја добивме поракава и ја споделуваме интегрално во пресрет на денешните протести и најавените про-режимски контра-протести.

„Вечерва јас ќе ‪#‎протестирам‬. Исто така, за вечерва се најавени големи контрапротести. Бидејќи сметам дека поделбите меѓу народот се доволно големи, го правам овој чекор, им се обраќам на моите пријателки и пријатели со кои сѐ помалку зборуваме заради различните политички ставови.

Прво, да ве запознаам со мојата определба. Јас #протестирам. #Протестирам зошто не се трпи повеќе. Не се трпи повеќе овој грабеж, овие поделби на народот, ова исмејување на разумот. #Протестирам затоа што не сакам само замена на власта, сакам КОРЕНИТА промена и сакам мојата, твојата, нашата и ваша Македонија да оди напред! Таа во моментов е земја со огромна сиромаштија и најголема нееднаквост во Европа, со долг кој расте и буџет кој се одлева во џебовите на политичарите. Јас и оние кои се со мене на улиците сме особено лути на аболицијата за сите криминалци-политичари од страна на претседателот Иванов.

Некои од вас мислат дека сме платеници. Но, за да #протестирам немам земено пари од ниту една домашна или странска фондација. Нити пак го правам затоа што некој ми наредува. Ова е протест кој има за цел да сврти нова страница. Доста беа 25 години транзиција, време е за народот да си дојде по своето. #Протестирам не е партија. #Протестирам не е невладина. #Протестирам е прво лице еднина. Нема еден лидер, нема портпарол. Сите сме лидери, сечиј глас е битен.

#Протестирам секој ден со луѓе кои ги знам, и со кои не сме се знаеле претходно, но се запознаваме секој ден. Не се согласуваме за сѐ. Но на протест, на улица, можеме за сѐ да зборуваме, да се расправаме и надмудруваме, да се лутиме и да се смируваме. #Протестирам затоа што сакам таквото чувство на слобода да завладее во ова општество, сакам да го почувствувате и вие, луѓето кои ги знам и за кои длабоко во моето срце се грижам.

Сме растеле заедно, сме се дружеле и кога сево ова ќе заврши, ќе треба пак да живееме заедно. Не дозволувајте вечер да се гледаме преку полициските кордони и да гледаме едни на други како душмани. Знам дека некои од вас можеби и не сакаат да одат на контрапротест и дека се чувствуваат како да немаат избор. Секогаш имате избор – за почеток, останете дома. Или дојдете со нас! Заедно ќе ја градиме иднината, заедно ќе го градиме новото општество. Без Грујовци, Заевци, Мендуховци и Алии, без странски дипломати и непринципиелни договори – ние, граѓанки и граѓани, млади и стари, од сите етнички заедници, во солидарност и во мир.

Јас не ве мразам, не сметам дека сте глупи, ниту ве сметам за помалку вредни од себе. Сметам дека сте мои сограѓанки и сограѓани и сакам да градам ново општество со вас. Верувам дека тоа и покрај сѐ е можно и затоа #протестирам.
Со љубов.“

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *