За протестите

Со револт кон сегашната извршна власт и порив за акција, граѓаните на Македонија одлучија со протест да се изборат за правда и мир. Тука ги документираме случувањата поврзани со граѓанските протести обединети во движењето #Протестирам кое бара пад и одговорност на сегашната Влада, ослободување на притворените граѓански активисти и формирање на Влада за демократизација на институциите. Извори ни се написи и текстови на граѓани, учесници на протестите и медиуми. Овде се испишува дел од историјата на граѓанскиот отпор којшто бара алтернативи на сегашното општество, за правда и мир. Дејствуваме здружено, за поинаква сегашност!

Протестите за пад на Владата започнаа на 5 мај 2015 година по неколкугодишно незадоволство од сегашната власт и изделени протести, со различни барања, на невладини организации, граѓански асоцијации и студенти. Протестите од 5 мај непосредно беа поттикнати од нови сознанија за убиството на 22-годишниот Мартин Нешкоски од страна на специјалните единици во 2011 година и обидот да се прикрие неговата смрт и избегне политичка одговорност. Овој обид, посочуваат јавно објавени прислушувани разговори, бил директно координиран од Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска,  Премиерот Никола Груевски и директорот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков, братучед на Премиерот.

По повик на семејството на Нешкоски, на 5 мај 2015 година граѓани и активисти побараа правда и одговорност со мирен протест пред седиштето на Владата на Република Македонија. Тие отворено побараа оставка од оваа Влада. Собирајќи се во огромен број, од неколку илјади, за кус период, демонстрантите ја фатија полицијата неподготвена. Во даден момент, тие успеаја да ја преминат оградата, но останаа ненасилни.

Како реакција на ова, за кусо време беше пратен огромен број на специјални полициски единици, но и вработени во приватната агенција за обезбедување СГС во сопственост на Сашо Мијалков. Откако полицијата и обезбедувачите се консолидираа, тие ги нападнаа демонстрантите. Притоа, во групата демонстранти беа уфрлени и група провокатори. Во тензичните моменти, провокаторите почнаа да фрлаат предмети кон полицијата, што беше искористено како повод за напад на мирните демонстранти и насилно задушување на протестот. Беа донесени оклопни возила и водени топови за застрашување и беше употребена прекумерна сила. Специјалните полициски сили удираа невооружени и мирни демонстранти. Ги бркаа низ улиците на градот, далеку од периметарот на Владата. Беа тепани и апсени луѓе без причина. Беше извршен насилен упад во градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Студенти кои спремаа испити во доцните вечерни часови беа нападнати и малтретирани.

Протестите продолжија наредниот ден, 6 мај со најава дека ќе траат секој ден со почеток во 18 часот, сѐ до оставка на Владата. Тој ден, протестите се проширија и надвор од Скопје. Масовни протести имаше и во Битола и во Прилеп. На протестот во Скопје на демонстрантите им беше попречено правото да протестираат пред Владата, со што директно се прекрши член 21 од Уставот на Република Македонија. Огромен број специјални полициски единици со оклопни возила поставени на околните раскрсници го попречија пристапот до Владата. Демонстрантите се упатија кон Собранието. Кон крајот на протестот имаше повторно беа уфрлени провокатори, но нивната диверзија не успеа. Група демонстранти, претежно жени, формираа жив штит околу полициските службеници назначени да го штитат објектот.

На 7 мај, во Скопје повторно беше попречен пристапот до Владата, па демонстрантите се упатија кон заградата на Јавното обвинителство, а завршија пред Собранието. Протестот помина мирно. Протест се одржа и во Струмица.

На 8 мај, масовни и мирни протести се оддржаа во Скопје, Битола, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Куманово, Охрид, Свети Николе и Штип.

Вооружен инцидент што почна во утринските часови на 9 мај во Куманово ги смени текот и формата на граѓанските протести. Во 18 часот, група граѓани се собраа пред Владата во Скопје. Со едноминутен молк, граѓаните искажаа почит кон полициските службеници кои загинаа и беа повредени во инцидентот. Се солидаризираа со нивните семејствата и со граѓаните на Куманово. Искажаа поддршка за приведените активисти од почетокот на протестите. Собирот заврши пред седиштето на Делегацијата на Европската унија во Скопје. Таму граѓаните ја потсетија Европската унија дека не смее да молчи додека се погребува демократијата во Македонија, земја-кандидат за членство.

На 10 мај, со почит за дводневниот национален молк, граѓани мирно се собраа во Градски парк, во Скопје. Во форма на граѓански пленум, присутните разговараа за реформулирање на целта на протестите. Како резултат на разговорот се формираше #Протестирам, широко граѓанско движење, фузија на голем број претходни движења и иницијативи, со следните барања:

1) итна оставка и преземање одговорност на целата Влада;
2) итно ослободување на сите активисти притворени од 5 мај наваму;
3) формирање на Влада за демократизација на институциите.

Овие барања ќе се повторуваат, секој ден во 6! Придружи се! #Протестирам #Protestiram

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *