Упатство за справување со солзавец или пиперов спреј

Преземено и приспособено од Facingteargas.org

Биди свесен дека постојат многу различни видови на солзавец и пиперови спрееви, со различни хемиски својства, концентрации и реакции. Различни луѓе реагираат различно на разни работи кои помагаат со овакви супстанции, и различни видови на солзавец или пиперови спрееви имаат различни реакции со различни лекови. Ова не е дефинитивно упатство. Кога ќе најдеме нови информации ќе ги објавиме овде. 

Како може солзавецот да делува на тебе?

Солзавецот и пиперовиот спреј се кожни иританти, кои предизвикуваат болка и големо течење на течност од очите, носот, устата и дишните патишта. Пиперовиот спреј е популарно средство за контролирање на маси од страна на полицијата, бидејќи инстантно предизвикува голема болка. Тој е потежок да се симне од кожата и може да предизвика изгореници од прв степен.

Ако си изложен на солзавец или пиперов спреј, би можел да го почуствуваш следново:

  • боцкање и печење на очите, устата и кожата
  • прекумерно течење на солзи кое предизвикува замаглување на видот
  • прекумерно течење од носот
  • зголемено произведување на плунка
  • кашлање и проблеми со дишењето
  • ошеметување, збунетост и понекогаш паника
  • веројатно ќе почуствуваш бес ако си испрскан со пиперов спреј

 

Спречување:

Последиците од солзавец или пиперов спреј за големото мнозинство на здрави луѓе се привремени. Сепак, за други луѓе последиците можат да бидат долгорочни или дури смртоносни.

Луѓе кои патат од здравствените состојби наведени подолу би требало да ги знаат ризиците и да избегнуваат да бидат изложени на овие иританти. Биди свесен дека однесувањето на полицијата е непредвидливо и дека честопати избегнувањето од овие средства е невозможно ако присуствуваш на демонстрација.

Луѓе со следниве здравствени проблеми би требало да избегнуваат ситуации каде што постои можност полицијата да ги користи овие супстанции:

  • Луѓе со дишни болести, како што се астма, емфизема итн, се изложуваат на зголемени ризици или трајно оштетување на дишните органи ако бидат изложени на овие средства.
  • Ранливи луѓе како бебиња, постари лица, и оние лица со компромитиран имунитетен систем се изложуваат на голем и потенцијално смртоносен ризик.
  • Оние со хронични болести или оние кои примаат лекарства кои го слабеат имунитетниот систем (како на пр. оние на хемотерапија, луѓе со Лупус, ХИВ, под радијација, оние кои примаат кортикостероиди како преднизон) можат да почуствуваат значително влошување на симптомите и да им треба многу долго време да закрепнат од последиците од овие супстанции.
  • Жени кои се трудни или би можеле да бидат бремени, или кои се обидуваат да забременат, се изложуваат на ризик од спонтан абортус или на сериозни здравствени проблеми на новороденчето
  • Мајки кои дојат ризикуваат да пренесат токсини на своте бебиња.
  • Луѓе кои патат од кожни болести (како сериозни случаи на акни, псоријаза, или екзема) или оние со очни проблеми (како конјуктивитис или уветитис) се изложуваат на ризик од интензивирани последици ако дојдат во допир со овие супстанции.
  • Луѓе со очни леќи би можеле да чуствуваат зголемено иритирање на очите и оштетување на очите, бидејќи хемикалиите се наталожуваат под леќите. За жал, има и случаи каде контактот со овие супстанции на луѓе кои носат леќи може да предизвика и ТРАЈНО СЛЕПИЛО.

 

Заштита:

  • Избегнувај да користиш креми, лосиони и детергенти бидејќи тие го зафаќаат уште повеќе солзавецот или пиперовиот спреј и на тој начин го пролонгираат нивното делување. Испери си ја облеката, косата и кожата претходно со еколошки сапун во кој нема никаков детергент.
  • Не користи вазелин, минерални масла, маслен лосион за заштита од сонце или било какви други креми бидејќи тие само уште повеќе го зафаќаат солзавецот и пиперовиот спреј.
  • Не носи леќи бидејќи под нив се наталожуваат иритирачки хемикалии како солзавецот.
  • Препорачуваме да се користат лосиони за заштита од сонце кои се на база на вода или алкохол. Ако изборот ти е меѓу користење на маслен лосион за заштита од сонце или ништо, тогаш ти препорачуваме да го користиш тој лосион за заштита од сонце. Да бидеш испрскан со пиперов спреј на кожа изгорена од сонце не е воопшто забавно.
  • Препорачуваме што помалку кожа на телото и лицето да биде непокриена. Покри што поголем дел од лицето со голема капа, качулка, итн. Ова не само што ќе те заштити од солзавецот, ама ќе те заштити и од сонцето.
  • Гас маски нудат најдобра заштита за лицето ако се исправно ставени на главата и херметички затворени. Алтернативно, можат да се користат заштитни очила со некршливи леќи, респиратори, дури и мокри марами заврзани преку носот и устата.

 

Што да правиш кога ќе се најдеш на место испрскано со солзавец:

  • НЕ ПАНИЧИ, биди колку што можеш поспокоен. Паниката само го зголемува иритирањето од страна на солзавецот. Диши колку што можеш пополека.
  • Ако го видиш солзавецот или некој те предупреди за него, стави ја заштитната опрема (маска, респиратор, марама, итн). Ако можеш тргни се настрана или на страна од каде што не дува солзавецот.
  • Ако носиш леќи обиди се да ги извадиш или најди некого да ти помогне да ги извадиш со ЧИСТИ, неконтаминирани прсти.
  • НЕМОЈ ДА ГИ ТРИЕШ ОЧИТЕ ИЛИ ЛИЦЕТО.

 

Работи кои би можеле да помогнат кога ќе дојдеш во допир со овие супстанции:

Ниеден од методите кои ги препорачуваме како помош за последиците од солзавецот или пиперовиот спреј не се волшебни лекови. Сепак она што го препорачуваме овде значително може да ја намали физичката болка и неудобност предизвикана од овие супстанции.

  • За очите: препорачуваме користење на шише со спреј или мала прскалка (како оние во шишиња со средства за чистење) наполнето со чиста вода. Секогаш прскај од внатрешниот дел на окото кон надворешниот, со главата навалена назад и на страната на окото кое се измива. Водата треба солидно да ги допре очите за да помогне. Пробај да најдеш некого да ти помогне убаво да ти ги отвори очите за да ги испрска со вода од прскалката. Поширокото отворање на очите привремено ќе ја зголеми болката од солзавецот, но нема друг начин очите адекватно да бидат измиени од солзавецот. За ушите и устата користи го шишето со спреј наполнето со раствор составен од половина алкалин (средство за намалување на киселини во желудникот) и половина вода. Добро исплакни ја устата со овој раствор.
  • За кожата: препорачуваме масло од канола (најверојатно и друг тип на растително масло би свршило работа, но не можеме тоа да го потврдиме стопроцентно) и алкохол. Избегнувајќи контакт со очите, енергично избриши го делот од кожата изложен на хемикалиите со крпа или газа потопена во масло од канола. По ова веднаш избриши ја засегнатата кожа со алкохол. Нормално, треба да се избегнува бришење со алкохол на очите.
  • Други можни третмани се: исплукување на хемикалиите, издувување на носот, искашлување на шлајм (обиди се да искашлаш што повеќе од овие хемикалии), пешачење со широко растегнати раце во висина на градниот кош, отстранување на контаминирана облека, и ладен туш. Многу е важно итно да се истушираш и да ја испереш загадената облека со моќен детергент во првата можна прилика. Овие хемикалии се отровни и ќе продолжат да те загадуваат и било кој друг кој ќе дојде во контакт со тебе, затоа е многу важно енергично да се истушираш и да си ги испереш загадените алишта. Се додека си загаден со хемикалиите обиди се да не ги допираш своите очи и лице, како и други луѓе, мебел, теписи, или било што друго. На овој начин ќе спречиш понатамошно ширење на хемикалиите.
  • Да потсетиме, ефектите на овие хемикалии се само привремени и дека мнозинството од нас сме сепак со силна физичка конституција.

 

Неколку совети во врска со гас маски и друг вид на опрема за заштита од солзавец

Гас маските нудат најдобра заштита од хемиски оружја, ако можат да се набават. Филтерите за нив се прилично тешко да се набават. Било која маска би требало да биде соодветна на големината на твојата глава.

Во комбинација со респиратори, заштитните очила се одлична алтернатива за гас маската. Потребно е добро да се провери дека заштитните очила не замаглуваат и дека добро и цврсто стојат на лицето заедно со респираторот. Респиратори можат да се набават во продавница за градежни материјали, посебно каде се продава опрема за швајсмајстори. Побарај филтери за партикулати и органски хемикалии.

Марама потопена во вода и оцет која е цврсто заврзана околу носот и устата е последна опција. Подобро е да имаш некаква заштита отколку никаква, но биди свесен дека ова е само тенка бариера, а не филтер и како таква не обезбедува долгорочна заштита. Носи ја марамата во пластична вреќа која содржи раствор од вода и оцет и стави ја на лицето само кога има потреба за тоа. Носи неколку марами со себе и менувај ги често за време на демонстрации кога се користи солзавец, бидејќи за кратко време марамата пропушта исто онолку гас колку и без неа.

За заштита на очите, можеш да користиш заштитни очила за пливање доколку херметички ти ги затвораат очите. Тие би требало да бидат од таков квалитет каде што не би можеле лесно да се распукнат. Овакви очила обично имаат дупки кои би требало да се пополнат со епоксин. Овие дупки би можеле да се покријат и со широкa самолеплива лента (онаква каква се користи во градежната индустрија), но ова нуди само мала заштита од иницијалниот напад со солзавец. Пробај ги заштитните очила заедно со марамата или респираторот да видиш дали се што похерметички затворени.

Треба да бидеш свесен дека носењето на било каква заштитна опрема испраќа силна визуелна порака. Гас маски нудат најголема заштита, но тие изгледаат застрашувачки и отуѓувачки. Тие истотака можат да те направат цел за напад од страна на полицијата. Внимавај како влијаеш на другите со својот изглед кога се заштитуваш себеси од солзавец.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *