Tag Archives: Куманово

Ден 7: Свеќи, цвеќиња и мирен собир за вториот ден на жалост

Day 7

Фото: Весна Илиевска

Граѓаните на 11 мај мирно се собраа пред Владата со цел да оддадат почит на загинатите полицајци во настаните во Куманово. Граѓаните кои се собраа исто така повикаа на солидарност со семејствата на жртвите, со граѓаните на Куманово, но и со притворените активисти од протестите што почнаа на 5 мај.

За време на собирот, во соработка со Црвениот крст, се организираше акција за собирање на средства за поддршка на семејствата од Куманово. Беа собрани 22.615 денари. Додека траеше ова, граѓаните палеа свеќи, положуваа цвеќе и оставаа пораки со сочувство за осумтемина полицајци кои го загубија животот во акцијата во Куманово викендов.

Денес се планира да се продолжи во протестите, во 18:00 пред Влада.

Фото: Весна Илиевска

Фото: Весна Илиевска

Медиумски мрак: Претседател на Советот на општина Куманово грубо прекинат во изјава за Канал 5

Максим Димитриевски, претседател на Советот на општина Куманово, во изјава за Канал 5 запраша како е можно седум дена по конгресот на владејачката партија ситуацијата толку да се дестабилизира. Во моментот кога пред камерата повика на оставка на Премиерот и на Министерката за внатрешни работи, директниот пренос беше грубо прекинат.

„Факт е дека во Куманово ние имавме во последните 24 часа војна. Морам да Ви кажам дека граѓаните на општина Куманово се апсолутно свесни што всушност ни се случува. Едноставно никој не може во градот да сфати како пред 7 дена, кога владејачката гарнитура држеше конгрес во Куманово, сè беше апсолутно мирно, а денеска дури нè информираат на прес-конференција дека во Куманово се случил оружен конфликт. Ние тоа го почувствувавме директно на нашите глави и одовде јавно го прашувам и Премиерот зошто не дојде во Куманово да ја одржи прес-конференцијата и да им објасни на Кумановчани кој им остави траен белег во историјата […] Едноставно им порачувам и на него и на ужалената министерка Јанкулоска во моментов веднаш да поднесат оставка и да пуштат луѓе коишто се способни да ја водат државата и да преземат одговорност“, изјавуваше Димитриевски во моментот кога преносот во живо беше прекинат.

Акцијата на МВР заврши, за денес закажан мирен граѓански собир

Акцијата на МВР во Куманово конечно заврши. Во престрелките кои се случуваа денес, 10 мај, наутро загинаа уште двајца припадници на специјалните сили во престрелките утрово, со што бројот на загинати полицајци се искачи на осум. Биле убиени 14 членови на оружената група, а цивилни жртви нема, јави МВР. Според изјавата на портпаролот на МВР, се работи за една од најопасните терористички групи на Балканот.

Информациите до кои јавноста има пристап од почетокот на дејствијата се ограничени и многу прашања остануваат неодговорени, како за моменталната состојба, така и за операцијата на МВР.

По речиси 36 часа целосен молк од политичкиот врв во државата, со прес конференција излезе и Премиерот Груевски. Тој изјави дека не станува збор за конфликт помеѓу Македонци и Албанци, нагласувајќи го мултиетничкиот карактер на припадниците на специјалните сили. Груевски ја истакна сложеноста на операцијата, велејќи дека групата планирала масовни убиства во Македонија и дестабилизација на земјата, иако рече и дека нивните цели и мотиви ќе бидат предмет на понатамошна истрага. Повикувајќи случувањата да не се користат за дневнополитички цели, тој не ја испушти приликата и да ги предупреди неистомислениците дека ќе завршат исто како терористите.

Пораките, пак, упатени од повеќето релевантни албански актери во Македонија и регионот се меѓусебно слични: се повикува на смиреност и ненаседнување на провокации.

Седница на Советот за безбедност е закажана за 17:00.

Во меѓувреме, заради безбедносната ситуација, Скопскиот маратон кој требаше да се случи денес беше откажан. Но и покрај тоа, пријавените учесници се самоорганизираа и трчаа со порака дека во Македонија има љубов, по што изразија сочувство за загинатите во Куманово со минута молк.
Со оглед на тековните случувања и дводневната жалост, наместо протест, за денес е најавен солидарен и мировен граѓански собир во 18:00 во Градски парк во Скопје. Собирот има за цел да покаже солидарност со семејствата на загинатите и повредените, како и со жителите на Куманово, но и одлучност во борбата за мир и правда за сите граѓани, вклучително приведените демонстранти. Покрај тоа, собирот ќе биде искористен и за дискусија за идните насоки на ова граѓанско самоорганизирање.

Day 6

Видео со обраќање на жител на Куманово

Објавуваме транскрипт на дел од видео обраќање на жител на градот Куманово. Поставено на фејсбук профил, за само еден час, видеото има над 100.000 посети.

„Даде ли некој некаков одговор, од морална, етичка точка гледано…зошто дојдовме до ова. Да не ни го направи ова Путин или Америка?  Да размислиме кој го донесе сето тоа. Луѓето не се криви, Македонци, Турци, Албанци, никој не е крив. Можеби имаше денови кога нѐ лажеа и манипулираа, но сега народот е свесен!

…Да слушнеме за луѓето што се гладни во економијата на Македонија….а тие ни кажуваат ќе запослиме волку-толку, …замислуваат економски зони што никој не ги видува и не ги доживував. Никој не сака рат.

Никој не сака да го анализира разлогот зошто дојде до ова.

Го повикувам албанското лидерство … мада се продадени, нека дојдат тука да бидат со народат. Го повикувам СДСМ, го повикувам Груевски…тие од кабинети…каде се нивните фамилии…имаат некој син, роднина…нека фатат пушка… Гоце Делчев, Скендербег ратувале, биле со борците, не биле во канцеларии да се кријат.

…Национализам и тероризам се измислени нешта. Јас живеам тука 40 години, 40 збора немам лоши за Македонец како Албанец. Мило ми што јас како Албанец, а тој како Македонец ги сфативме манипулации што ги прават. Но доста голем дел од народот е во тешка состојба и не може уште да го сфати тоа. Дајте тие мани да не нѐ замерат.“

5 загинати и околу 30 повредени, изјавува Јанкулоска

Во изјава за медиумите, во вечерните часови на 9 мај, Министерката за внатрешни работи Јанкулоска ги соопшти имињата на загинатите во Куманово, сите припадници на полициските служби: Жарко Кузмановски (1981-2015) од тетовското село Брвеница, Ненад Серафимовски (1987-2015) од гостиварското село Зубовце и Сашо Самоиловски (1982-2015). Имињата на уште двајца загинати дополнително ќе се соопштат. Не беа потврдени неофицијалните информации за цивилни жртви.

Во изјавата, Јанкулоска соопштува дека оружената група составена од македонски и државјани од соседна земја имала за цел да го „искористи моментот во кој се наоѓа државата за да изврши напад“ врз стратешки објекти. Мотивите се сѐ уште непознати. Министерката не сакаше да изјави од која соседна земја се дел од напаѓачите и за кои стратешки објекти станува збор.

Во државата во тек се граѓански протести што неодамна кулминираа со барање за оставка на Владата. Закажан е натпартиски сеграѓански протест на 17 мај, а поттикнат меѓу другото и од објавата на прислушувани телефонски разговори на високи функционери и политичари. Во наводните разговори, членови на владата и фукционери заговараат недемократски, коруптивни и криминални зафати за чија реализација ја користат јавната функција.

Видео снимка од прес конференцијата пренесена од НоваТВ е достапна овде.

БИРН во живо за полициската акција во Куманово

БИРН преку блог во живо ги претставува случувањата во кумановската таканаречена „Дива населба“, каде што МВР презема акции за разбивање вооружена група. Следете ти овде.

Граѓанските анти-владини протести продолжуваат, дилеми за инцидентите во Куманово

Во сабота, 9 мај, на петтиот ден од почетокот на протестите против полициска бруталност и повикот за пад на владата на Груевски, во Куманово се случува инцидент од утринските часови. Сè побројни се написи и ставови дека се работи за исцениран судир, што провладините медиуми го претставуваат како напад на паравоена формација врз полициските служби. Дилемите зад инцидентот, коментира во својот фејсбук статус учесник на протестите, само потврдуваат дека граѓаните имаат изгубено доверба во владата и дека таа мора да си оди.

Жител на Куманово, член на Студентскиот пленум известува од Куманово преку својот фејсбук профил. Полицијата приведува лица што се движат по  улица. Блокиран е и автопатот Е-75 кој води од Скопје крај Куманово кон Белград и Софија. На медиуми што не се провладини им се одземаат снимки.

Граѓанската опозиција во одговор на вакви брутални сценарија и со почит кон засега непотврдениот број загинати продолжува со најави за мировен протест и денес во 18 часот, овојпат, на 70 годишнината од победата над фашизмот. На протестите ќе се даде поддршка за неодамна приведените активисти и изрази почит на жртвите во денешниот инцидент во Куманово.

Телма ТВ во телефонски разговор со жител од Куманово

Жител на дива населба кадешто се случува инцидентот сведочи за слчувањата. Видливи се запалени куќи, се слушаат рафални пукотници, се шпекулира за загинати цивили. Повеќе овде.

Неофицијални податоци за повредените во Куманово

Околу 16-17 лица се повредени во инцидентот во Куманово, неофцијално објавува Телма телевизија. Поврдените се пренесуваат во скопски клиники. Официјални лица избегнуваат да коментираат. Видео овде.

НоваТВ со први информации за инцидент во Куманово

Според неофицијални информации, станува збор за судир меѓу полициските сили и 70 вооружени лица во Дива населба во градот Куманово. Повеќе информации овде.