Tag Archives: Скопје

Ден 8: Оставка, одговорност, ослободување

Ден 8

Фото: Елеонора Венинова

Граѓаните, обединети во барањата, продолжија со протести на 12 мај. Протестот започна пред поставениот полициски кордон пред Влада во 18:00. Оттаму граѓаните мирно се упатија кон Собранието на Република Македонија, барајќи оставка од цела Влада, ослободување на уапсените од протестите на 5 мај и формирање на преодна Влада за демократизација на институциите.

Протестот, според говорниците, се случува и заради обидот за сокривање на убиството на Мартин Нешкоски, смртта на малата Тамара, лошите законски реформи во образованието, но и заради случувањата во Куманово и барањето одговорност за загубинетите животи. На овој протест, кој заврши мирно, беше забележан поголем број на претставници на странски медиуми.

Барањата на движењето #Протестирам остануваат и протестите продолжуваат секој ден во 6.

Ден 7: Свеќи, цвеќиња и мирен собир за вториот ден на жалост

Day 7

Фото: Весна Илиевска

Граѓаните на 11 мај мирно се собраа пред Владата со цел да оддадат почит на загинатите полицајци во настаните во Куманово. Граѓаните кои се собраа исто така повикаа на солидарност со семејствата на жртвите, со граѓаните на Куманово, но и со притворените активисти од протестите што почнаа на 5 мај.

За време на собирот, во соработка со Црвениот крст, се организираше акција за собирање на средства за поддршка на семејствата од Куманово. Беа собрани 22.615 денари. Додека траеше ова, граѓаните палеа свеќи, положуваа цвеќе и оставаа пораки со сочувство за осумтемина полицајци кои го загубија животот во акцијата во Куманово викендов.

Денес се планира да се продолжи во протестите, во 18:00 пред Влада.

Фото: Весна Илиевска

Фото: Весна Илиевска

Ден 6: Мирен собир и граѓански пленум наместо протест на првиот ден на жалост

Фото: Елеонора Венинова

Фото: Елеонора Венинова

Поради настаните во Куманово и прогласената дводневна жалост, активисти и граѓани се собраа вчера, 10 мај 2015, во 18:00 на мирен собир во Градскиот парк во Скопје. Целта на собирот беше да се оддаде почит на жртвите во Куманово, покажување солидарност со семејствата на жртвите, со граѓаните на Куманово, но и со притворените активисти на протестите што почнаа на 5 мај.

Покрај тоа, собирот се искористи и за дискусија за понатамошното дејствување на ова самоорганизирано граѓанско движење. Во форма на граѓански пленум, присутните дискутираа за реформулирање на целта на движењето, нагласувајќи ги правдата и мирот како водечки принципи.

На собирот беше одлучено на вториот ден на жалост, 11 мај, во 18:00 да се излезе пред зградата на Владата на мирно оддавање почит на жртвите. Движењето ги повикува граѓаните да се приклучат, во црна и бела облека, со цвеќиња, без звучни реквизити.

Акцијата на МВР заврши, за денес закажан мирен граѓански собир

Акцијата на МВР во Куманово конечно заврши. Во престрелките кои се случуваа денес, 10 мај, наутро загинаа уште двајца припадници на специјалните сили во престрелките утрово, со што бројот на загинати полицајци се искачи на осум. Биле убиени 14 членови на оружената група, а цивилни жртви нема, јави МВР. Според изјавата на портпаролот на МВР, се работи за една од најопасните терористички групи на Балканот.

Информациите до кои јавноста има пристап од почетокот на дејствијата се ограничени и многу прашања остануваат неодговорени, како за моменталната состојба, така и за операцијата на МВР.

По речиси 36 часа целосен молк од политичкиот врв во државата, со прес конференција излезе и Премиерот Груевски. Тој изјави дека не станува збор за конфликт помеѓу Македонци и Албанци, нагласувајќи го мултиетничкиот карактер на припадниците на специјалните сили. Груевски ја истакна сложеноста на операцијата, велејќи дека групата планирала масовни убиства во Македонија и дестабилизација на земјата, иако рече и дека нивните цели и мотиви ќе бидат предмет на понатамошна истрага. Повикувајќи случувањата да не се користат за дневнополитички цели, тој не ја испушти приликата и да ги предупреди неистомислениците дека ќе завршат исто како терористите.

Пораките, пак, упатени од повеќето релевантни албански актери во Македонија и регионот се меѓусебно слични: се повикува на смиреност и ненаседнување на провокации.

Седница на Советот за безбедност е закажана за 17:00.

Во меѓувреме, заради безбедносната ситуација, Скопскиот маратон кој требаше да се случи денес беше откажан. Но и покрај тоа, пријавените учесници се самоорганизираа и трчаа со порака дека во Македонија има љубов, по што изразија сочувство за загинатите во Куманово со минута молк.
Со оглед на тековните случувања и дводневната жалост, наместо протест, за денес е најавен солидарен и мировен граѓански собир во 18:00 во Градски парк во Скопје. Собирот има за цел да покаже солидарност со семејствата на загинатите и повредените, како и со жителите на Куманово, но и одлучност во борбата за мир и правда за сите граѓани, вклучително приведените демонстранти. Покрај тоа, собирот ќе биде искористен и за дискусија за идните насоки на ова граѓанско самоорганизирање.

Day 6

Ден 5: „Протестираме за мир и правда“

Петтиот ден на протести, 9 мај, започна пред зградата на Владата, откако полицијата не дозволи пристап до Споменикот на ослободителите на Скопје, каде беше планирано положување цвеќе по повод Денот на победата над фашизмот. Со едноминутно молчење во знак на почит кон загинатите во Куманово, протестот беше мал и тивок, без скандирања и користење на звучни реквизити.

Day 5

Фото: Илона Олехлова

Оттаму демонстрантите се упатија кон седиштето на делегацијата на Европската унија. Извикувајќи „Зошто молчиш Европо“, тие запрашаа што прави ЕУ во врска со погребувањето на демократијата во земја која е кандидат за членство.

По завршувањето на протестот, дел од демонстрантите го посетија кампот на средношколците кои протестираат против лошите образовни реформи.

 

Фото: Илона Олехлова

Вечерва во 6 граѓаните ќе протестираат пред Влада

11225708_451947554965027_1785714237_n

Мирно и достоинство. За притворените и за загинатите. Во 6 пред Влада кај Споменикот на ослободителите на Скопје, по повод Денот на победата над фашизмот ќе положиме цвеќе пред споменикот на ослободителите на Скопје. Понесете цвеќиња!

Уапсени и во притвор студенти од Студентскиот пленум

Протести, ден 4. По телефонски повик за информативен разговор, полицијата апси и притвора студенти од Студентскиот пленум откако тие уредно ќе одговорат на повикот. Уапсени се осуммина, а двајца веќе се изведени пред истражен судија и одредена им е мерка, осумдневен притвор. Се товарат со дело спречување службено лице во вршење службена должност. Хелсиншкиот комитет им нуди бесплатна правна помош. Студентскиот пленум апелира со порака до студентите за три чекора како да се заштитат.

Кога учат студентите?

На четвртиот ден од граѓанските протести, студенти го блокираа главниот булевар во Скопје, Партизански одреди, во делот пред градската библиотека Браќа Миладиновци. Со книги в рака, тие протестираа против насилниот упад на специјални полициски служби во градската библиотека што се случи во вечерните часови на 5 мај 2015 година. Во лов на демонстранти, полицијата брутално влезе во библиотеката, тепаше и повреди неколкумина студенти под изговор дека студенти не учат по 23 часот.